Зимска разгледница
Најубаво ни е во зима...

Снежна слика
Планински врв како лаѓа
под небото матно што паѓа,
со бело сито од брег на брег
расфрла мониста од снег.
Падините дланки шират
ситните мониста ги збираат
што безгласно, лесно се ронат
врз дабјето в сон што тонат.
Прва снегулка
Се срона тивко, прозрачна милна...
А како, каде ли се мушна,
никој ништо не слушна.
Се стопи таа во желбата силна
на детето што ја гушна.
Денов нова игра ќе си плете
- игра на снегулка со дете
Бела игра
Бела бела постелнина
распослана на стрнките.
А, ене, над чистата белина,
над снежната дебелина,
со децата и санките
ќе започнат игранките.
И под нозе и во срца
снегот набргу ќе скрцка.