Машкиот биолошки часовник и ризиците за неплодност
Кога се зборува за биолошкиот часовник, најчесто фокусот е ставен на жените. Но науката сe појасно потврдува дека и мажите имаат свој биолошки часовник.
Со текот на времето може да влијае врз плодноста, квалитетот на спермата и здравјето на потомството.
Иако мажите можат да станат татковци и во подоцнежни години, тоа не значи дека возраста нема улога.
Дали мажите навистина имаат биолошки часовник?
За разлика од жените, мажите произведуваат сперматозоиди во текот на целиот живот. Сепак, со стареењето доаѓа до промени во нивниот квалитет. Со годините може да се забележи:
- намалување на бројот на сперматозоиди,
- послаба подвижност,
- поголем процент на оштетена ДНК.
Овие фактори можат да го отежнат зачнувањето и да го зголемат ризикот од компликации.
Кога започнуваат промените?
Првите позначајни промени кај машката плодност можат да се појават по 35тата година, а ризиците стануваат поизразени по 40тата и 45тата година. Ова не значи дека татковството е невозможно, туку дека шансите постепено се намалуваат.
Ризици поврзани со подоцнежното татковство
Истражувањата покажуваат дека повисоката татковска возраст може да биде поврзана со:
- подолго време потребно за зачнување,
- зголемен ризик од спонтан абортус,
- поголема веројатност за генетски мутации,
- поврзаност со одредени развојни нарушувања кај децата.
Важно е да се нагласи дека овие ризици не значат дека ќе се појават, туку дека веројатноста е зголемена.
Начинот на живот фактор што може да го забрза или успори биолошкиот часовник
Иако времето не може да се врати, животните навики имаат огромно влијание врз машката плодност. Фактори кои негативно влијаат се: пушење, прекумерна консумација на алкохол, хроничен стрес, прекумерна телесна тежина, лоша исхрана, недоволен сон.
Од друга страна, здравиот начин на живот може значително да го зачува квалитетот на спермата.
Исхрана и машка плодност
За поддршка на репродуктивното здравје, важно е во исхраната да се внесуваат: цинк, селен, омега-3 масни киселини, витамин Д, антиоксиданси.
Овие нутриенти придонесуваат за хормонална рамнотежа и подобар квалитет на сперматозоидите.
Кога да се побара стручен совет?
Доколку парот се обидува да добие дете: повеќе од 12 месеци кај жени под 35 години и повеќе од 6 месеци кај жени над 35 години се препорачува да се направат основни испитувања и кај мажот. Неплодноста не е исклучително женски проблем. Во околу половина од случаите, машкиот фактор игра улога.
Машкиот биолошки часовник можеби не отчукува толку гласно, но тој постои. Свесноста, грижата за здравјето и навремените одлуки можат значително да ги подобрат шансите за татковство и за здраво потомство. Плодноста не е прашање на среќа, туку на време, информираност и животни избори.





