Емоционален ролеркостер наречен бременост. Работи поради кои ќе се расплачеш ако си бремена
Бременоста е навистина прекрасна. Носиш нов живот, ќе се оствариш како родител, ќе го донесеш на свет својот најдобар пријател и придружник во животот.
Но, да не се лажеме таа е и неверојатно чувствително патување. Во еден момент се смееш, а во следниот солзите веќе течат. Ова е само производ на бременоста, а не преемотивност и тоа е сосема во ред.
Телото ти е преплавено со хормони кои лудуваат, а срцето со љубов, страв и возбуда. Еве неколку работи поради кои сигурно барем еднаш ќе се расплачеш додека чекаш бебе.
1. Рекламата со бебе или куче
Без разлика дали е реклама за пелени или храна за миленичиња, некако секогаш ќе те „погоди право во срце“.
Ќе гледаш нешто сосема обично, а солзите ќе ти потечат без објаснување.
Тоа е магијата и лудилото на естрогенот.
2. Кога ќе слушнеш бебешки плач
Без разлика дали е на телевизија или во чекалната кај гинеколог, звукот на бебешки плач може да предизвика неочекуван бран емоции.
Тоа е твојот мајчин инстинкт што веќе се буди, а срцето реагира побрзо од разумот.
3. Кога некој ќе ти донесе храна што не ти се јаде
Можеби си гладна, но истовремено не можеш да ја поднесеш миризбата.
И одеднаш, доаѓаат солзите затоа што си гладна, чувствителна и збунета во исто време.
Овде си кажуваме добредојде во првиот триместар.
4. Кога ќе размислиш за моментот кога ќе го запознаеш своето бебе
Тоа е најубавата причина за плачење.
Само мислата дека ќе го држиш во раце, ќе го почувствуваш неговиот мирис и ќе му го чуеш првиот плач доволна е да ти го стопи срцето секој пат и да избувнат емоции и солзи.
5. Кога ќе се почувствуваш преуморно
Понекогаш едноставно ќе се „срушиш“ од замор, па ќе заплачеш затоа што не можеш ни да станеш, ни да спиеш.
Тоа не е слабост. Тоа е твоето тело што се менува и ти кажува дека му треба нежност и одмор.
6. Кога ќе те погледне партнерот со љубов
Можеби само ќе ти рече „изгледаш прекрасно“ и ти веќе плачеш.
Тој можеби не разбира што се случува, но ти знаеш. Тоа е мешавина од љубов, благодарност и чувство дека не си сама.
7. Кога ќе се погледнеш во огледало
Телото се менува и понекогаш тоа е прекрасно чувство, понекогаш збунувачко.
Ќе се погледнеш, ќе ја почувствуваш силата на тоа што го создаваш животот и ќе заплачеш. Но овој пат, од гордост.
Бременоста не е само физичка промена. Тоа е емоционално патување кое ја отвора секоја пора на твоето срце.
Плачењето не значи дека си слаба. Напротив тоа е доказ дека чувствуваш длабоко, дека љубиш без граници и дека веќе си мајка.





