Мојот татко (Целосна верзија)

Форум >> [Партнерство] >> Семејство и партнерски односи



Порака


vezilka RR -> Мојот татко (4.7.2013 13:10:06)

Мојот татко ми беше „другарот“ од родителите. Со него секогаш бев поблиска. Кога бев мала, сакав да бидам како него. Се идентификував со неговите ставови, израснав во личност многу слична на него на оваа возраст. Секогаш ќе му бидам благодарна за тоа што се трудеше секогаш да ми отвори нови перспактиви со долгите разговори кои ги водевме. Се трудеше да ме научи да мислам со своја глава, а не да прифатам тоа штодругите ми сервираат. Имаше доверба во мене да ми остави одврзани раце да донесувам одлуки за себе и својот живот, бидејќи предходно ме научи како да го правам тоа.

Сега секој ден го гледам како старее, се мачи со својата старост и изнемоштеност. Ама простум, никогаш не се жали. Понекогаш кога ќе си појдам дома, си плачам за него, за тоа колку е тешка староста. Сега се обидува да тера втора тура со внуците. Сите го сакаат.

Тато, те сакам.

Ајде повелете, тука напишете по некој збор за вашите татковци. По некој добар, а можеби и по некој лош збор за нив..




AnnaMolly RR -> RE: Мојот татко (4.7.2013 14:02:30)

Мојот татко е посебен човек, човек којшто го сакаше секое дете од улицата кога бевме мали, а и сега не постои човек со кој не може да најде заеднички муабет за само некоја минута.
Мојот татко е преполн со досетки и ја има најголемата смисла за хумор што може да постои на светот. Отсекогаш посебно сме се разбирале и од него ја имам најголемата поддршка во животот, секогаш за се наоѓаме решение заедно.
Тој е многу гласен и смешен кога треба да се забавува, а кога треба знае да биде сериозен, повлечен и мирен. „Не сакам да пречам“ е неговото мото. Колкупати ќе го викнам на гости да си поигра со Филип, а тој ќе рече „Да не ви пречам“.
Тој никогаш нема влезено кај мене во соба без да тропне и пред јас да речам „Влези“.

Мојот татко е „Димче“, не тато. Мојот другар и пријател.




Палешка РР -> RE: Мојот татко (4.7.2013 14:49:13)

Мојата болна тема...
Многупати сакав да ја отворам, но никако немав храброст.
Не знам ни дали сум дозреана, за да можам да пишувам за татко ми. Кога ќе бидам подготвена да го довршам текстот кој го почнав, тогаш ќе се прогласам себеси за зрела во светот на пишаниот збор...
Дотогаш, ќе ви ги пишувам своите моментални чувства на оваа тема, толку болна и толку возвишена за мене.
Мојот татко - човекот кој ми недостасува повеќе од воздухот кој го дишам...ете како би го опишала, некако, печатот кој го остави врз мојот живот....






Палешка РР -> RE: Мојот татко (4.7.2013 14:50:25)

Еве го и почетокот на напишаното...кое стои во една папка...А со кого, ако не со вас, драги мои да го споделам.
Се надевам дека ќе дораснам, за да го довршам.


Решив да се ставам себеси пред големо искушение за мојата душа и мојот внатрешен (не)мир. Нештата кои ќе се обидам да ги разбудам, или заспијам, сеедно, ќе предизвикаат силна бура од која тешко ќе се опоравам.
Но време е да те разбудам во себе, тато.
Знам дека чекаше неколку години да се зачнам. Знам дека правеше за тебе несвојствени работи со цел да се појавам како мала точка во стомакот на мама. Знам дека ја чукаше камбаната во Зрзе, иако беше деклариран атеист, знам дека секое утро ја пиеше водата од чаша во која стоеше и катинарот од црквата, иако беше против бабините деветини. Знам дека го ископа и високо го крена крстот од манастирот, иако не веруваше во Бога. Знам дека прописно се опи и го честеше цел град кога се родив...
Знаев дека не си конвенционален татко уште од првиот миг кога ме зеде во раце...Знаев дека ме очекуваат незаборавни, несекојдневни, неповторливи моменти во животот уште кога ми даде име по своја желба, иако веќе се викав Милена. Знаев дека си посебен и исклучително надарен уште кога имав 9 години и кога те видов како се вариш во котел – во афоризам во Остен. Знаев дека од тебе ќе научам се`, знаев дека ќе поминеме часови, денови, месеци и години во бескрајно долги разговори, од кои ќе ја научам големата загатка – наречена живот. Ги знаев сите твои тајни – кои се уште ги чувам, знаев дека бескрајно ќе те сакам, но не знаев, не знаев.......дека толку бргу ќе си заминеш.
Те слушав секое утро во три часот како чукаш на машина. Тогаш не знаев дека сум сведок на раѓањето на брилјантните драми заради кои се здоби со епитетот македонски Шекспир. Слушав кога и го читаше напишаното на мајка ми, бев во тек со секој настан, секоја перипетија, градењето на секој лик. Се сеќавам и дека еднаш го заборави листот со промените кои ги направи во “Арсениј”. Кога дотрчав да ти го донесам, се изнасмеа на мојата шега пред плејадата актери, режисери и сценографи “Тато, уште еднаш немој да ме тераш олку брзо да пишувам”. Тогаш дозна дека пораснав, дека длабоко во себе сум ги впила твоите заложби за моја духовна изградба.
Секавично се завртив назад, да те барам во преполната театарска сала, кога твојата прва премиера беше при крај. Скокнав од столчето, не водејќи грижа за публиката, да те барам. Стоеше зад затворената врата и се прашуваше дали ќе има аплауз. Дали ќе има аплауз??? Аплаузот беше громогласен, долг, продорен, силен...Иако дочека уште многу премиери, преполни сали и многу награди за најдобар текст – секогаш стоеше зад затворената врата и се прашуваше дали ќе има аплауз.
Долета за неполн час од Скопје, кога чу дека сум бремена. Нашите животи добија драматични моменти, кога кажав дека ќе се мажам. Тогаш за прв пат не разговараше со мене неколку денови. За тебе бев твоето 20 годишно девојче кое не знае ништо за животот, а се впушта во големиот океан незнаејќи да плива. Во тие неколку месеци, додека се роди М. ми зборна едвај неколку пати. Сакав да умрам, веќе да ме нема...
Во дождливата ноќ дотрча пред бабицата во болница и чекаше 24 часа пред болничката врата. Со солзи во очите ја дочека веста дека доби внук. Ме прегрна силно и плачеше со мене од среќа. Но јас, длабоко во себеси знаев дека не си ми простил, што се омажив толку мала, туку само си ја пречекорил линијата на отпор.






deluxe -> RE: Мојот татко (4.7.2013 15:35:17)

[sm=bravo.gif][sm=bravo.gif] јас веќе се расплакав Палешка ова е прекрасно[sm=smiley1.gif][sm=smiley1.gif]




Carrie RR -> RE: Мојот татко (4.7.2013 18:25:22)

Тешко и болно ми е да зборувам на оваа тема, а во исто време и убаво, бидејќи така се чувствувам како да го оживувам.
Посебна релација беше нашата. Секоја конекција татко-ќерка е посебна, но тоа што јас го имав со татко ми беше посебно. Бев негова најголема слабост - неговото девојче. Не се делев од него. На неговиот велосипед, во малото црвено седиште напред, се возевме низ цело Скопје. Мирисот на липите ни беше омилен. Имавме заедничка песна уште кога сум имала 3 години...Само наша! Со него до мене се чувствував сигурна, бев непобедлива. Имав чувство како никој ништо да не ми може. Се разбиравме со поглед. Секоја моја мака, секоја моја радост и секоја моја тајна ја знаеше и пред да ја споделам. Беше многу строг, беше татко за пример, пожртвуван за своето семејство до крај. Ме научи и ми покажа како да постојам...Беше татко на сите : другарки, другари, братучеди. Неговата уникатна смисла за хумор и неговата сигурност и убедливост при делењето совети, го правеа еден и единствен. Сите велеа - сакам татко како твојот...Не знаев да се отворам пред него директно, со зборови - се отваравме нечујно-со душа. Не зборувавме многу, а знаевме се еден за друг. Не очекував дека ќе ме напушти толку брзо, не очекував дека ќе ме напушти кога најмногу ми требаше....Не стигна да ги види најважните работи во животот. Не стигна да ги види моите успеси и да види дека неговото девојче порасна. Ми фали во секој миг, ми фали во секој агол од моето постоење. Сакам да верувам дека е до мене....дека знае дека бескрајно го сакам и му благодарам што постојам, таква каква што сум - за него најдобрата!




miana -> RE: Мојот татко (7.7.2013 15:13:57)


ИЗВОРНА ПОРАКА: Carrie RR

Тешко и болно ми е да зборувам на оваа тема, а во исто време и убаво, бидејќи така се чувствувам како да го оживувам.
Посебна релација беше нашата. Секоја конекција татко-ќерка е посебна, но тоа што јас го имав со татко ми беше посебно. Бев негова најголема слабост - неговото девојче. Не се делев од него. На неговиот велосипед, во малото црвено седиште напред, се возевме низ цело Скопје. Мирисот на липите ни беше омилен. Имавме заедничка песна уште кога сум имала 3 години...Само наша! Со него до мене се чувствував сигурна, бев непобедлива. Имав чувство како никој ништо да не ми може. Се разбиравме со поглед. Секоја моја мака, секоја моја радост и секоја моја тајна ја знаеше и пред да ја споделам. Беше многу строг, беше татко за пример, пожртвуван за своето семејство до крај. Ме научи и ми покажа како да постојам...Беше татко на сите : другарки, другари, братучеди. Неговата уникатна смисла за хумор и неговата сигурност и убедливост при делењето совети, го правеа еден и единствен. Сите велеа - сакам татко како твојот...Не знаев да се отворам пред него директно, со зборови - се отваравме нечујно-со душа. Не зборувавме многу, а знаевме се еден за друг. Не очекував дека ќе ме напушти толку брзо, не очекував дека ќе ме напушти кога најмногу ми требаше....Не стигна да ги види најважните работи во животот. Не стигна да ги види моите успеси и да види дека неговото девојче порасна. Ми фали во секој миг, ми фали во секој агол од моето постоење. Сакам да верувам дека е до мене....дека знае дека бескрајно го сакам и му благодарам што постојам, таква каква што сум - за него најдобрата!

[sm=smiley19.gif][sm=smiley19.gif][sm=smiley19.gif][sm=smiley19.gif]




miana -> RE: Мојот татко (7.7.2013 15:59:24)

Епа женички,за разлика од вас,јас немам убав збор да кажам за мојот татко..Мојот татко не остави кога бевме мали ,сестрами 6 а јас 4 години и го снема. Го немаше додека ми беше најпотребен,го немаше кога одев со платнени патичиња по снег,додека 6 месеци живеевме со исклучена струја. Ниту алимантација плати,ниту се јави да праша дали сме живи. Верувале вие или не,постојат и вакви татковци,како мојот татко.




Mila mamicka -> RE: Мојот татко (5.5.2014 9:52:26)

Палешка, ме расплака твојот текст. Кога ќе има продолжение, те молам сподели го со нас, убаво е човек да ги чита твоите зборови.




vezilka RR -> RE: Мојот татко (26.2.2015 11:37:15)

На ќерките им треба нивниот татко

Кога се мали, им треба да си играат со него. Тато е најдобриот другар на ќерките. Тој им е идолот. Кога ќе пораснат сакаат да бидат како тато. Додека се мали сакаат да се задеваат со него и да му рипаат по стомакот и да го тегнат за брковите. Тато не ги кара ќерките. Тато и ќерките се разбират со поглед. Тато има интензивен и мудар поглед. Тато и ќерките дискутираат и учат за животот заедно. Кога ќе потпораснат ќерките, со тато ги споделуваат своите тајни, тато ги спрема и ги воведува во животот на возрасните. Кога тато ќе го направи тоа, тие се спремни цврсто да зачекорат понатаму. Тато стои до нив и кога се угоре, и кога се удолу. Таму удолу, ги фаќа и ги враќа горе. Кога ќерките ќе пораснат, тато се уште им треба. Тие можат се сами, ама тато им треба. Да биде тука, покрај нив. Да си игра со внучињата, да ги задева и нив да ги учи истите работи на кои ги научи ќерките.

Но има некои страшни болести што доаѓаат и им го земаат тато на ќерките. Тие го ситнат полека и долго и не остават многу од него. Но ако, и таков тато им треба на ќерките. И само да седи на фотељата. Само нека седи. Тато врати се и седни на фотељата. Тато, им требаш на ќерките.




Страница: [1]