Палешка РР
|
Еве го и почетокот на напишаното...кое стои во една папка...А со кого, ако не со вас, драги мои да го споделам. Се надевам дека ќе дораснам, за да го довршам. Решив да се ставам себеси пред големо искушение за мојата душа и мојот внатрешен (не)мир. Нештата кои ќе се обидам да ги разбудам, или заспијам, сеедно, ќе предизвикаат силна бура од која тешко ќе се опоравам. Но време е да те разбудам во себе, тато. Знам дека чекаше неколку години да се зачнам. Знам дека правеше за тебе несвојствени работи со цел да се појавам како мала точка во стомакот на мама. Знам дека ја чукаше камбаната во Зрзе, иако беше деклариран атеист, знам дека секое утро ја пиеше водата од чаша во која стоеше и катинарот од црквата, иако беше против бабините деветини. Знам дека го ископа и високо го крена крстот од манастирот, иако не веруваше во Бога. Знам дека прописно се опи и го честеше цел град кога се родив... Знаев дека не си конвенционален татко уште од првиот миг кога ме зеде во раце...Знаев дека ме очекуваат незаборавни, несекојдневни, неповторливи моменти во животот уште кога ми даде име по своја желба, иако веќе се викав Милена. Знаев дека си посебен и исклучително надарен уште кога имав 9 години и кога те видов како се вариш во котел – во афоризам во Остен. Знаев дека од тебе ќе научам се`, знаев дека ќе поминеме часови, денови, месеци и години во бескрајно долги разговори, од кои ќе ја научам големата загатка – наречена живот. Ги знаев сите твои тајни – кои се уште ги чувам, знаев дека бескрајно ќе те сакам, но не знаев, не знаев.......дека толку бргу ќе си заминеш. Те слушав секое утро во три часот како чукаш на машина. Тогаш не знаев дека сум сведок на раѓањето на брилјантните драми заради кои се здоби со епитетот македонски Шекспир. Слушав кога и го читаше напишаното на мајка ми, бев во тек со секој настан, секоја перипетија, градењето на секој лик. Се сеќавам и дека еднаш го заборави листот со промените кои ги направи во “Арсениј”. Кога дотрчав да ти го донесам, се изнасмеа на мојата шега пред плејадата актери, режисери и сценографи “Тато, уште еднаш немој да ме тераш олку брзо да пишувам”. Тогаш дозна дека пораснав, дека длабоко во себе сум ги впила твоите заложби за моја духовна изградба. Секавично се завртив назад, да те барам во преполната театарска сала, кога твојата прва премиера беше при крај. Скокнав од столчето, не водејќи грижа за публиката, да те барам. Стоеше зад затворената врата и се прашуваше дали ќе има аплауз. Дали ќе има аплауз??? Аплаузот беше громогласен, долг, продорен, силен...Иако дочека уште многу премиери, преполни сали и многу награди за најдобар текст – секогаш стоеше зад затворената врата и се прашуваше дали ќе има аплауз. Долета за неполн час од Скопје, кога чу дека сум бремена. Нашите животи добија драматични моменти, кога кажав дека ќе се мажам. Тогаш за прв пат не разговараше со мене неколку денови. За тебе бев твоето 20 годишно девојче кое не знае ништо за животот, а се впушта во големиот океан незнаејќи да плива. Во тие неколку месеци, додека се роди М. ми зборна едвај неколку пати. Сакав да умрам, веќе да ме нема... Во дождливата ноќ дотрча пред бабицата во болница и чекаше 24 часа пред болничката врата. Со солзи во очите ја дочека веста дека доби внук. Ме прегрна силно и плачеше со мене од среќа. Но јас, длабоко во себеси знаев дека не си ми простил, што се омажив толку мала, туку само си ја пречекорил линијата на отпор.
_____________________________
When I'm good, I'm very good, but when I'm bad, I'm better.
|