|      
Сакаш да се откажеш?
Пред да ја потврдиш својата одлука, запознај се со последиците од таа одлука.
Доколку го потврдиш своето откажување, на твојот комјутер ќе наместиме cookie, кој ќе ни овозможи, во текот на натпреварот (14.03 - 18.03.2016) при посета на порталот да те препознаеме и да овозможиме слободно користење на порталот, без прикажување сликички, односно контролор на играта од десна страна на екранот.

Истовремено ќе бидат одземени сите собрани поени. За жал, со откажувањето, губиш и право на награди.

Дали се уште сакаш да се откажеш?
Рингераја.мк користи "колачиња" за обезбедување подобро корисничко искуство, следење на посетеноста и приказ на огласи. Поставките за прифаќање на колачињата ги прилагодувате во вашиот пребарувач.
Со продолжување на користењето на сајтот се смета дека се согласувате со користење на колачињата за наведените цели. За продолжување кликнете “Во ред”.   Дознајте повеќе.

Значењето на деновите во неделата

Редакција Рингераја, 17.7.2011
Седум дена во неделата и секој со свое значење и толкување...Доколку сакате да дознаете прочитајте го следниов текст и ќе ја задоволиме Вашата љубопитност

image
/11


ПОНЕДЕЛНИК - првиот ден од седмицата. Се смета за ден кога Господ започнал да работи, па затоа секој што треба да превземе било каква позначајна работа тоа го прави во понеделник. Жетварите почнуваат во понеделник, семе се вади за сеење во понеделник, куќа се почнува да се гради во понеделник итн. Жените сите работи ги започнуваат во понеделник, освен ако тој ден не е празник. Некои од понеделниците во текот на годината имаат особени значења: Чисти понеделник (првиот понеделник после Големиот пост) кога треба убаво да се исчисти низ куќи, Сирни Понеделник - првиот ден од Бели или Сиропусни Поклади - кога по никаква цена домаќинките не ги отвораат своите  сандаци за алишта, заради заштита од глувци.

 

ВТОРНИК -  несреќен, лош и многу тежок ден во неделата. Според народните верувања ништо не е добро ниту да се почне некаква работа во вторник, ниту пак да се заврши.  Ако се започне работа во вторник - никогаш нема да се заврши, а ако, пак,  се заврши   нема никаква корист од таквата работа, бидејќи се верува дека ќе се повторува и крај ќе нема. Ако некој се разболел во вторник - ретко преболувал.  Особено, се верува, дека тој ден владее  треската, т.н. вторнична треска и којшто од таа болест во вторник ќе заболи дека повеќе нема да се накрене.  Сепак, според верувањата, целиот ден не е несреќен, туку само еден час, но  никој не знае кога точно ќе биде. Се верува дека тој час често се  менува и луѓето го замислуваат како да игра по некаква скала со дванаесет пречки (скалила).  Домаќинките во вторник никогаш не се зафаќале со перење, затоа што се верувало дека лошото можело да помине и на алиштата, а потоа и на оној што ќе ги облече. Никој не сакал да купува ново како на пример, басма, платно и штоф, затоа што не требало на тој ден да се сече ниту со ножици. Од истите причини тој ден не работат  и занаетчиите, кројачите, кондураџиите и абаџиите, бидејќи во верувањата во вторник не се зема в раце никакво сечало, бидејќи ѓаволот можел да го исечи секој кој држи нож или ножици. Се избегнувало дури и закројување на лозја и дрвца. Според други верувања луѓето никогаш не тргнувале на патување во вторник, бидејќи било можно никогаш да не се вратат. Вторник често се употребува и како тешка клетва, како на пример, во Гевгелиско: Други торник да не та прачека!

 

СРЕДА  е третиот ден во седмицата, а називот и означува дека се наоѓа “в среда”. Во народните верувања се  смета за полу-празник. Според некои верувања средата е претставена како жена која што вечно жали. Во среда строго се пости за здравје и не се јадат мрсни јадења, ниту риба. Помладите жени тој ден  може да се занимаваат со рачна работа, додека постарите гледале да ја избегнуваат и да не работат.  За средите, како што се Велика Среда, Руса Среда  постојат особени верувања. На пример, за Велика среда или во народот позната како Веља среда се верува дека се до денот кога бил фатен Исус Христос, се верувало, дека сите среди се среќни, но тогаш Господ  ја проколнал средата,  па таа станала несреќна. Според ова верувања, луѓето во чест на Исус Христос е пожелно да постат и да не прават веселби. Во верувањата сврзани за Руса Среда  (средата пред Ѓурѓовден) забрането  е  жените да работат, посебно да не перат,  за да не добијат рани  на  главата.  Непочитувањето на овие забрани, доведувало појава на рани и таквите жени спас барале од “дородена жена” која требало  да замеси говедска лепешка со просо, па откако ќе се исушела заедно со пепел да ја стават на раната. Затоа жените често ја нерекувале  и”лута среда”.

 

ЧЕТВРТОК - е четвртиот ден по ред во седмицата и се смета за среќен ден.  На тој ден во Гевгелиско се започнуваат нови работи, особено жените започнуваат да “каламисуваат” (да мотаат цевки) и да сноват преѓа. Но, навечер никогаш не работеле, поготово ако некој од мажите е на пат. Од четвртоците се издвојува особено Велики четврток како  многу значаен празник. Кај народот посебно значење имаат сите четвртоци кои се наоѓаат меѓу празниците Велигден и Спасовден, и се наречен Седум четвртоци.  Во некои места на Источна Македонија постои верување  дека четврок е ден полн со грижи. Со самото тоа дека се наоѓа во средината во неделата, се мисли дека на детето родено во четврток, работата ќе му оди мачно, а животот ќе му биде полн  грижи.

 

ПЕТОК - е петтиот по ред ден во седмицата и во народните верувања се смета дека се почитува  како празник.  Затоа во петок се пости за здравје. Повеќето жени ништо не работат на тој ден, бидејќи во петок мајките се зарекнуваат да не работат ништо  за здравје  на своето дете или поради лично здравје. Жените не работат на тој ден и во случај на избегната несреќа, оздравување од болест и др.  За децата родени во петок се верува дека среќата ќе ги следи цел живот. За петокот се поврзани повеќе верувања дека  луѓето не треба да ја мијат главата, посебно жените, па дури и да не се чешлаат. Во верувањата некоја невеста, кога мажот заминал на пазар, си ја измила главата, па кога тој се вратил ја  видел сета здрвена, не можела од местото да се мрдне, долго боледувала и умрела. Петоците кои се меѓу Велигден и  Спасовден се сметаат за особено тешки денови и затоа не се работи никаква работа. Земјоделците не оделе в поле  на работа плашејќи се дека ќе ги фати голем град. Затоа луѓето се труделе да ги почитуваат овие денови.

 

САБОТА - шестиот ден по ред во седмицата. Саботата се смета за исто толку лош  и несреќен ден колку вторник. За децата родени во сабота, посебно во саботата, пред задушница и пред Велигден, или, пак, на полноќ на Бадна вечер, се верува дека ќе имаат несреќен живот,  дека ќе бидат видовити, односно ќе може да ги гледаат сите демонски суштества, да препознаваат магии и сл. Тие обично кај народот се познати под името саботници, а за некои од нив се верува дека имаат демонски особини, дека токму од нив настануваат демонски суштества. Саботата кај народот уште се смета и како полу - задушница. Во народното верување саботата  е ден, посветен на мртвите, затоа  за него постојат забрани за миење на главата, секакво кроење и шиење. Кај народот се познати четири саботни денови посветени на мртвите во текот на годината и тоа секоја од нив е позната под називот “мртва сабота”. Тоа се: саботата пред Велигденските месни поклади, Лазарева сабота, саботата пред св. Педесетница (в. Духовден) и саботата пред Митровден. Се практикува за време на овие саботи да се посетуваат гробиштата на своите блиски и на нив да се раздаде варена пченица. Исто така кога некој ќе умре, до шест недели, секоја сабота се носи  пченица во црквата или на гробиштата. Во сабота обично луѓето не започнувале никаква работа и избегнувале да прават свечености, како крштевка и свадба. Затоа првата сабота по свадбата се практикувало невестата и младоженецот да не бидат дома, туку во петокот вечерта тие оделе во куќата на невестата со цел да не пречекаат саботнина во куќата. Се верува дека спроти сабота и соновите се исполнуваат, па преку нив луѓето предвидувале многу нешта од секојдневниот живот.

 

НЕДЕЛА - последен ден од семицата. Самиот назив кажува дека означува нешто што “не дела”, односно не работи. Во христијанските верувања, недела е ден кој му се посветува на Господ. Затоа луѓето во недела одат в црква во свечена облека. Според народните верувања неделата е среќен ден. Во недела сите празнувале, никој ништо не работел. Неделата народот ја замислува како жена којашто стално им помага и им прави добрина на луѓето. Неделата се смета и за светица, затоа во молитвите луѓето често ја споменувале. Некои од неделите во годината се поврзани со посебни верувања. Така, на пример,  првата  недела во периодот на млада месечина, се баело, болните оделе да бараат лек, со уверување дека св. Недела ќе им помогне.  Во христијанските верувања, недела е ден кога се прават и разни свечености, на пример, свадбата обично се прави во недела, крштевка и сл. Постојат повеќе недели во годината кои се празнуваат од народот, за кои се поврзани повеќе обредни активности, а се познати како: Сирна или Бела недела, ( в. Сирна недела) Глува недела, Голема недела, Две недели или Богородичен пост. 

 

 

 

 

Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:

Правината и кривината
Македонски волшебни приказни
5
Малите рачиња играат и плескаат
Детско катче
2
Слатки слатки песнички
Песни за најмалите
2
Зборувај ми, мила мамо
Песнички за најмалите
2




Анкета

Што да дознаете.
пеперутка16

Кога би носеле тројки, што би направиле?