Страв од училиште (Целосна верзија)

Форум >> [Дете] >> Од деца до ученици



Порака


ripce -> Страв од училиште (6.2.2010 18:39:35)

Постојат повеќе причини за стравот и вознемиреноста поради одењето на училиште. Проблемот може, но и не мора да биде во директна врска со училиштето и она што во него се случува. Можеби се работи и за т.н. анксиозно нарушување (чувство на неодреден страв во вид на страшливо исчекување дека нешто непријатно или дури катастрофично ќе му се случи нему или на неговите блиски).

Оттука и решението на овој проблем може да биде едноставно, но може да се работи и за посериозен проблем.

За да му помогнете на вашето дете со проблем, комуницирајте со своето дете и со луѓето околу него, но и со неговиот лекар.

Првата личност со која ќе треба да поразговарате за вашата загриженост е вашето дете. Тоа и не би требало да биде толку тешко ако имате воспоставено однос на доверба и разговор за сите проблеми и случувања. Изберете место и време во кои атмосферата ќе биде релаксирана, пријатна и дајте му на детето можност да се отвори, да поразговара за своите чувства и проблеми. Дајте му на знаење на детето дека сте подготвени да му помогнете, дека за проблемот ќе поразговарате со неговиот наставник или професор, со психолог, со лекарот. Зависно од возраста на детето, одредете граници во однос на луѓето што ќе ги вклучите во разговорот за проблемот.

Ако не сте сигурни и не знаете како да го почнете разговорот со детето, односно со тинејџерот, консултирајте стручно лице, прочитајте литература на таа тема, побарајте совет.

Откако сте разговарале за проблемот, потребен ви е увид во целата ситуација за да решите кои лица ќе ги вклучите во решавањето на проблемот. Секогаш кога детето доживува ментални, емоционални проблеми и симптоми или има промени во неговото однесување, консултирајте се со неговиот матичен лекар, за да направи систематски преглед. Понекогаш проблемите на ментално и емоционално ниво може да потекнуваат и од органски болести. Кога тие ќе бидат исклучени, лекарот би можел да ви даде идеја каде понатаму да се обратите.

Можете да се одлучите и за разговор со професорот, психологот или со некое друго релевантно лице во училиштето. Тие можеби можат да ви дадат и дополнителни информации за проблемот на вашето дете.

Пред да го почнете разговорот со вашето дете, можеби сепак треба да размислите за тоа кои прашања ќе му ги поставите, во која насока да го водите разговорот, што треба да забележите. И тука одговорот не е едноставен. Децата и тинејџерите можат да се чувствуваат вознемирени, нервозни, исто како возрасните. Можат да бидат под стрес. Дури и кога не доживеале значајна траума, тие може да се наоѓаат под континуиран стрес и притисок во врска со секојдневните обврски, оценките, случувањата околу нив.

При пристапувањето кон вашето дете не тргнувајте со претпоставки. Не претпоставувајте дека вознемиреноста и нервозата сами по себе ќе исчезнат. Дури и кога не се работи за т.н. анксиозно нарушување, не значи дека на детето не му е потребна помош. Не претпоставувајте дека нервозата кај вашето дете значи дека има анксиозно нарушување. Секое дете, исто како и возрасните, одвреме-навреме доживува нервоза, вознемиреност, дури и ако за неа нема веднаш уочливи причини. Ако вашето дете сепак има анксиозно нарушување, не претпоставувајте дека медикаментите се неопходни. Со лекарот разгледајте ги сите опции за третман.




Страница: [1]