99 приказни за борбата за бебе (Целосна верзија)

Форум >> [Забременување] >> Проблеми со забременување



Порака


99prikazni -> 99 приказни за борбата за бебе (15.1.2017 18:41:55)

Драги пријателки, имаме иницијатива да се направи една книга со приказни од поголем број жени со различни, болни искуства од оваа „област“ - борба за детенце. Прво, да има голем број од нив со среќен крај, success stories по тешки битки, за да се охрабри и добие надеж секоја онаа жена што ќе земе да ја прочита книгата, а го има истиот проблем. Второ, за да се крене свеста на поширока јавност за оваа битка за живот што сите ја водиме зад затворени врати, иако приказните би биле анонимни. Трето, за да им се објасни еднаш и засекогаш на сите оние плукни-залепи парови дека не помагаат кога ни солат памет со „абе ајде само опуштете се, ние ко од шала го направивме“ и други празни, болни коментари.

Ги имаме контактите зад книгата да застане добра издавачка куќа што целосно ќе го финансира проектот, ако се реализира добар „проект“. И знаеме дека на овој форум има голем број жени со разни приказни во ракав, и од оние со среќен крај и од оние другите. Мислам на секакви приказни: долгогодишна „неплодност“, необјаснива неплодност, спонтани абортуси, missed abortions, инсеминации, ИВФ, лични приказни, приватни искуства, сите да бидат приказни од Македонија, само од анонимни извори зашто знам дека 99% од нас не сакаат да зборуваат јавно за ова.

Не мора да биде ништо професионално, не мора да биде на ниво на автор-автор, само нека биде од срце, искрено и фино прераскажано. Да биде емотивно и да има моќ да допре до тој што ќе чита. Може да е ептен кратка приказна од 300-500 зборови, може да е и подолга ако некој сака да каже нешто повеќе. Со оглед на тоа дека голем дел од нашите приказни во оние најопштите црти и се повторуваат, не мора секоја да го раскажува целиот свој трнлив пат, туку приказните може и да бидат за еден конкретен момент, ден, настан што оставил голем печат.

Сакаме да направиме нешто за сите нас што ја водиме оваа борба и сакаме оние што не ја водат барем делумно да разберат низ што поминуваме, какви жени борци има по светов и да знаат дека не ни треба ничие сожалување, туку почит и осет.

Напишаните приказни може да ги испраќате на мејлот 99prikazni@gmail.com, а ако ви е полесно може слободно да ги пишувате и овде. Овде исто така може да дискутираме и за се друго на темата што ве интересира. Собраните приказни на крај ќе се лекторираат, уредат и ќе се одберат најемотивните со цел книгата да биде што е можно помоќна. Ако имате и некоја друга идеја што друго би можело да се вклучи во книгата, слободно давајте предлози.

Искрено се надевам дека овој „мал“ проект ќе ни успее, бидејќи оваа борба што ја водам ми е најважната во животот, а знам дека е така и за многу од вас.




Страница: [1]