Еца -> Трихомонаден вагинитис (29.9.2009 13:54:39)
|
Не толку честа, но сепак сериозна сексуално пренослива инфекција е трихомонадниот вагинитис (воспаление на вагината). Предизвикувач на ова заболување е Трицхомонас вагиналис. Тоа е едноклеточен паразит првпат откриен во 1836 година. Изолиран е од цервикалниот и од вагиналниот секрет кај инфицирани жени и од семената течност кај мажите. Светските статистики покажуваат дека 5-15 отсто од жените што доаѓаат на редовен гинеколошки преглед ја имаат оваа инфекција. Како се пренесува оваа инфекција? Инфекцијата со трихомонас се пренесува со директен сексуален однос. Затоа единствен начин на превенција е апстиненцијата (немање сексуални односи) или редовно и правилно користење кондом. Кои се симптомите? Можат да се заразат и мажите и жените, меѓутоа симптомите се многу поизразени кај жените. Бидејќи мажите ретко имаат симптоми, не знаат дека се инфицирани и на тој начин стануваат причина за повторни реинфекции на веќе излекувани жени. Сепак, доколку имаат симптоми, тие потекнуваат од уретрата (мокрачна цевка), а тие се болно и отежнато мокрење и истекување бел секрет од пенисот. Кај жените трихомонасот најчесто ги напаѓа вагината, уретрата, ендоцервиксот и мочниот меур. Најчест симптом е обилен, жолтозелен секрет од вагината, со многу непријатен мирис. Исто така, може да се јави чешање, болки во долниот дел од стомакот, жежење, болно и отежнато мокрење. Доколку инфекцијата е проширена на цервиксот (грлото на матката), често се јавува и крвавење при сексуални односи. Забележано е дека симптомите се влошуваат при менструација. Како се дијагностицира ова заболување? Дијагнозата ја поставува гинеколог. Се зема вагинален брис преку кој со микробиолошко испитување се докажува причинителот. При колпоскопски преглед гинекологот гледа типична слика на јагода. Како се лекува? Инфекцијата со трихомонас вагиналис се лекува со „метронидазол". Најдобри резултати се постигнуваат со ударна доза, при што истовремено треба да се лекуваат двата партнера. Ова е многу битно за да не настане повторно инфицирање на веќе излекуваната жена. Исто така, се препорачува да се избегнуваат сексуални односи за време на терапијата. Треба да се напомене дека „метронидазолот" влијае врз метаболизмот на алкохолот. Затоа, не треба да се консумира алкохол додека трае лекувањето. Во спротивно, може да се јават гадење и повраќање. Кои се можните компликации при ненавремено лекување? Нелекувањето на оваа инфекција се поврзува со зголемен ризик од ХИВ-инфекција. Бремените жени инфицирани со трихомонас имаат поголем ризик за предвремено породување, раѓање деца со мала родилна тежина, инфекција и руптура на плацентата. Кај мажите можни компликации се воспаление на простата и на мочниот меур. Извор: Време
|
|
|
|